Start of content

Во здравствениот картон Мое електронско здравствено досие (My Health Record) се собрани на едно место здравствените информации од вас, од вашите даватели на услуги за здравствена нега и од Medicare.

Тој може да содржи поединости за вашите здравствени состојби и начини на лекување, поединости за лекови, алергии и резултати од проверки и снимања, сето тоа на едно место.

Давателите на услуги за здравствена нега, како што се лекарите, специјалистите и болнички персонал, исто така можеби можат да го видат вашиот здравствен картон Мое електронско здравствено досие кога имаат потреба од тоа, вклучувајќи и несреќни или итни случаи.

Информации од здравствени работници 

Давателите на услуги за здравствена нега, како што се општите лекари, специјалистите и аптекарите, може да додаваат во вашиот картон медицински документи за вашето здравје, вклучувајќи:

  • кус преглед на вашата здравствена состојба што го внесува вашиот лекар и што се вика „споделен кус преглед на здравствената состојба“ (shared health summary). Тие информации се корисни за новите лекари или за други даватели на здравствени услуги што ги посетувате
  • кус преглед на болничките отпусни листи
  • извештаи од проверки и снимања, како што се проверки на крвта
  • лекови што ви ги препишал вашиот лекар
  • упати од вашиот лекар или лекари.

Информации од Medicare

Кога првпат ќе го добиете вашиот здравствен картон, во него може да бидат внесени вашите податоци од Medicare, најмногу за период од две години, вклучувајќи:

  • информации од Medicare и од Програмата за попусти на лекови (Pharmaceutical Benefits Scheme - PBS) што се чуваат во Одделот за општествени служби (Department of Human Services)
  • информации од Medicare и од Воената програма за попусти на лекови (Repatriation Schedule of Pharmaceutical Benefits - RPBS) што се чуваат во Одделот за ветерански работи (Department of Veterans’ Affairs - DVA)
  • одлуки за дарувањето на органи
  • вакцинации внесени во Австралискиот регистар за вакцинации (Australian Immunisation Register), вклучувајќи ги вакцинациите од детството и други примени вакцини.

Информации што вие може да ги внесете во вашиот здравствен картон

Вие, или некое лице овластено да ве застапува, може во вашиот здравствен картон да споделите дополнителни информации што може да бидат важни за да може вашите даватели на услуги за здравствена нега да дознаат повеќе за вас. Тоа вклучува:  

  • броеви за контакт и броеви за контакт во итен случај
  • лекови што сега ги земате
  • информации за алергии и за претходни алергиски реакции
  • дали сте лице од домородно потекло
  • дали сте воен ветеран или припадник на Австралиските одбранбени сили (Australian Defence Force)
  • вашиот однапред направен план за нега (advance care plan) или контактните поединости на вашиот старател.

Што треба да очекувате кога првпат ќе го отворите преку интернет вашиот здравствен картон Мое електронско здравствено досие

Првиот пат кога ќе го отворите преку интернет вашиот здравствен картон Мое електронско здравствено досие, во него може да има малку информации или воопшто да нема информации. Во него може да има најмногу до две години стари информации од Medicare, како што се посети кај лекар за Програмата за повластици од Medicare (Medicare Benefits Schedule - MBS), како и историјат на вашите побарувања за враќање пари од Програмата за попусти на лекови (Pharmaceutical Benefits Scheme - PBS). Ако така одлучите, може да ги избришете тие информации откако ќе го отворите вашиот картон на интернет.

Информациите ќе се додаваат откако ќе посетите општ лекар, медицинска сестра или аптека. Веднаш може да ги внесете вашите лични здравствени информации и белешки.

Внесување на извештаи од стари проверки и снимања

Вашиот медицински историјат, како што се извештаите од постари проверки и снимања, нема да биде автоматски внесен во вашиот здравствен картон Мое електронско здравствено досие. Само новите извештаи може да бидат внесени од патолошките лаборатории или од давателите на услуги за дијагностичко снимање што учествуваат во оваа програма.

Поразговарајте со вашиот лекар за внесувањето на споделениот кус преглед на здравствената состојба во вашиот здравствен картон Мое електронско здравствено досие. Тој кус преглед може да ги содржи важните здравствени информации од минатото, како што се резултати од поранешни проверки или снимања, што може да бидат споделени со другите даватели на услуги за здравствена нега што ве лекуваат.